Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги праша властите во Приштина и „оние кои и помагаат“, кој меѓународен договор мислат да го почитуваат во односите со Белград и што всушност сакаат од Србија. Тој воедно најави и дека Владата в четврток ќе донесе одлука да испрати барање до КФОР за испраќање српски сили во Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

-Кажете ми кој документ сакате да го почитуваме и ние ќе го почитуваме. Не ви требаат сите, еве ви шведска маса. Го сакате Кумановскиот договор, Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244, Бриселскиот договор или Вашингтонскиот договор. Но, не ни кажувајте дека никој од тие пет не сакате да ги почитувате. Ниту Приштина, ниту тие што и помагаат. Кажете веќе еднаш што сакате од оваа земја, праша Вучиќ на прес-конференција во Претседателството на Србија.

Тој најави дека в четврток, по седницата на Владата, ќе биде испратено барање до командантот на КФОР да се овозможи враќање на српските воени и полициски сили во Косово и дека тоа е причината што тој се уште не одговорил на тоа, критикувајќи го отфрлањето на барањето што дојде од германската министерка за надворешни работи Анелен Бербок како лицемерие.

-Велат дека во Приштина не постои влада што ќе формира Заедница на српски општини. Што ми е гајле? А во Белград треба да има влада што ќе и дозволи на Приштина да стане членка на ОН. Па дали сте вие реални? – праша Вучиќ.

Тој рече дека Србија прави сè за да го зачува мирот, но дека Белград бара да бидат ослободени сите уапсени невини Срби и косовската полиција да не упаѓа на северот вооружена со „долги цевки“ бидејќи нема право на тоа.

Вучиќ најави дека Владата на Србија в четврток ќе донесе одлука да испрати барање до КФОР за обезбедување присуство на српските сили на северот на Косово.

-Владината седница е во четврток и како што стојат работите, владата ќе донесе одлука за испраќање писмо до командантот на КФОР, рече Вучиќ одговарајќи на новинарски прашања по разговорот со Срѓан Петровиќ, сопственик на винаријата од Велика Хоча, кому на крајот на минатата недела му беше запленето цело произведено вино од полициските и царинските органи на Приштина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.