Претседателот на Србија и лидерoт на Српска напредна странка (СНС), Александар Вучиќ, одлучи да не учествува на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Загреб закажан за 20 и 21 ноември, и за ваквата одлука со писмо го извести претседателот на ЕПП, Јозеф Даул, објави српски „Блиц“.

Во писмото, Вучиќ му се заблагодарува на лидерот на ЕПП за поканата да се обрати на Конгресот во Загреб, на кој е поканет како претседател на СНС, а како причина за неговото недоаѓање ја наведува хајката која против него се води во хрватските медиуми, пренесе „Индекс“.

Вучиќ наведува дека подготвил сериозна анализа на настаните во регионот, како и на она што заеднички треба да се направи во наредниот период, оценувајќи дека во последните неколку недели трае вистински медиумски прогон во скоро сите хрватски медиуми, против неговото доаѓање.

Би сакал да додадам, вистински причини за ваков вид на хајка, ниту имало, ниту има, освен тоа што некои кругови во хрватското општество не можат да се навикнат на силната улога на Србија и фактот дека Србија расте економски, а и политички не е веќе на колена – вели Вучиќ.

Тој во писмото додава дека најважниот дел од неговата политика останува подавањето рака и отворената врата за подобри односи меѓу Србите и Хрватите и меѓу двете земји во иднина, но истакнува дека во никој случај не сака да влијае на понатамошното влошување на позицијата на Србите во Република Хрватска и дека поради се наведено нема да присуствува на Конгресот на ЕПП во Загреб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.