Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на својот официјален Инстаграм профил, најави дека последните анализи се во тек пред потпишување на рамковниот договор за изградба на брзата пруга Белград – Ниш – Прешево

Изградбата на оваа модерна железничка делница, каде возовите би се движеле до 200 километри на час е најавувана повеќе пати, датумот на почетокот на работите се уште не е познат. Она што е најавено сепак е нејзиниот завршеток – почеток на 2026 година, јави допсиникот на МИА од Белград.

Се прави последната анализа пред потпишувањето на рамковниот договор за изградба на брзата железница Белград – Ниш – Прешево, изградба на нови делници од пругата во Србија, како и модернизација на постојните. Железничкиот сообраќај е дел од зелената агенда на модерна Европа, но и дел од економијата која забрзано придонесува за раст. Во следните 2 месеци очекуваме големи договори за нашата земја – соопшти претседателот на Србија.

Изградба на брзата пруга од Белград до Ниш и Прешево до границата со Македонија, Вучиќ ја најави на крајот на април за време на посетата на Брисел. Како што изјави тогаш, тој проект ќе биде делумно финансиран од европски фондови со најмалку 35 отсто учество, а неговото завршување го најви за почетокот на 2026 година.

Ни се брза, бидејќи Србија мора да достигне чекор со развиената Европа, а целата нација да ја потсетиме на фактот дека возовите постојат во Србија, дека се почисти и поубави од било кога и дека пругите ќе ни бидат модерни и побрзи – напиша Вучиќ.

Српскиот претседател неодамна кажа дека со изградбата на таа пруга, Ниш ќе стане апсолутен центар на Југоисточна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.