Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес конференција по седницата на Советот за национална безбедност, најави дека намерата на државата е да победи во најтешките форми на криминалот и корупцијата.

Вучиќ најави борба на пет нивоа и драконски казни за сторителите на кривични дела, вклучувајќи и доживотен затвор.

Тој, исто така, најави и измена на казнената политика, особено за кривичните дела насилничко однесување и силување, педофилијата, убиствата на деца и трговијата со оружје и наркотици, тој нагласи дека ќе се воведе доживотен затвор за оние што извршиле најтешки кривични дела – повеќекратни убиства и убиства на деца.

Вучиќ истакна дека само државите на Балканот, „Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија немаат казна доживотен затвор додека европските земји имаат. Сега сакаме и ние да имаме построги казни. Ние брзаме кон европските стандарди и ќе ги зголемиме казните бидејќи не сакаме да им падне на ум тука да се убиваат”, рече претседателот Вучиќ.

Минималните и максималните казни за сите кривични престапи кои вклучуваат насилничко однесување, од семејно насилство до убиство, ќе се зголемат за 35 до 50 проценти.

Казната за силување ќе биде од 5 до 15 години, без можност за олеснување на казната и никој нема да може да добие помалку од пет години казна, најави Вучиќ.

За семејно насилство, минималната казна ќе биде една година затвор, кажа Вучиќ.

За еден месец ќе почнеме сè да менуваме во Србија, рече Вучиќ, додавјќи дека борбата против криминалот ќе трае со години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.