Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека утре ќе ја информира јавноста за својот став во однос на Законот за експропријација, наведувајќи дека целиот пакет е во подготовка, се анализираат сите барања и дека е најдено решение, јави дописникот на МИА од Белград.

-Подготвуваме дополнителни проверки уште еднаш за да не направиме нешто противуставно, но со тоа ќе излеземе утре доколку денеска добиеме потврда од повеќе надлежни институции и правни експерти, изјави Вучиќ, додавајќи дека е важно да се слушнат луѓето, кои се занимаваат со своите животи, а не „глупостите на Ѓилас, Тепиќ, Зеленовиќ, кои имаат земано пари од Рио Тинто и сега протестираат“.

-За три месеци се изборите, но нема да ги брои гласовите „машинскиот мозок“, туку ќе важи еден човек- еден глас. Само на избори ќе се одлучи кој ќе управува со Србија, порача Вучиќ.

Тој изјави дека минатата сабота во Србија протестирале вкупно 31.000 луѓе против законот за експропријација и за референдумот и оти смета дека тоа е голема бројка.

-Тоа се секако големи бројки, голем број луѓе…Загрижен сум затоа тоа што не можат да бидат сите партиски функционери, но таму се луѓе кои се многу загрижени. Мора да се свртиме кон тие луѓе и да се обидеме да решиме нешто, кажа Вучиќ.

Според него најголем број демонстранти, на ниво на цела Србија, имало во јануари 2019 година, кога на еден протест учествувале 81.000 луѓе, а минатиот викенд имало 31.000.

Вучиќ порача дека тоа се многу прецизни податоци и дека во саботата во близина на Сава центарот се собрале 4.190 демонстранти, а во Белград вкупно протестирале 8.000 луѓе. Најголем број луѓе се собраа во Нови Сад.

Тој повтори дека полицијата нема да се појави ниту на следните протести бидејќи „не може да штити никого во незаконски дејствија“.

На прашањето дали полицијата ќе ги уапси лицата кои со чекан и палки ги нападнаа демонстрантите во Шабац, Вучиќ одговори дека е сосема сигурен дека обвинителството ќе си ја заврши работата и дека се знае кои се тие луѓе.

-Но, овој ваш херој носел чекан и секира, и тоа не гумена, туку вистинска, кажа тој.

Претседателот на Србија изјави дека никогаш нема да поддржи „обоени револуции“ и дека не постои за тоа работна група, ниту пак слушнал за тоа.

Вучиќ кажа дека прашање е кои се целите и кои се интересите ако некој се гордее со поддршка однадвор.

-За три и пол месеци имате избори, победувате, само некој треба да ги брои гласовите во тие кутии, кажа Вучиќ.

Некои медиуми во Белград неодамна објавија дека Русија и Србија формирале „работна група за борба против обоените револуции“.

На неодамнешната средба меѓу министерот за одбрана Александар Вулин и секретарот на Советот за национална безбедност на Русија Николај Патрушев во Москва беше истакнато дека „обоените револуции“ се инструмент на политиката на одредени центри на моќ и земји чија цел е поткопување на државноста и губење на суверенитетот под изговор за демократизација, и констатирано е дека „слободните земји“ мора да се спротивстават на тоа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.