Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, преку видео врска разговараше со премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, за регионалниот економски форум што ќе се одржи во Скопје на 29 јули.

Многу успешен разговор со Заев и Рама посветен на подготовките за регионалниот економски форум што го организираме заедно на 29 јули во Скопје. Регионална иницијатива што ќе не поврзе и ќе го подобри животот на сите наши граѓани. Заедно градиме нов Балкан, економски – напиша Вучиќ на официјалниот профил на Инстаграм „Будуќностсрбија“.

На состанокот присуствуваше и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж.

На последната видео конференција на Вучиќ, Заев и Рама на 29 јуни тројцата соговорници порачаа дека се свесни оти само со заедничката соработка и прифаќање на регионалната соработка во рамките на разни регионални иницијативи како што се заедничкиот пазар, регионалниот Шенген, зелените коридори или Берлинскиот процес, може да се приближат економиите, да се зголеми благосостојбата на народите и да се донесат големи инвестиции, кои не би биле можни за секој поединечно.

Соговорниците се согласија да се сретнат во Скопје на 29 јули за да го разгледаат напредокот во спроведувањето на постојните иницијативи и проекти и да потпишат дополнителни договори меѓу трите земји во врска со спроведувањето на обврските од Берлинскиот процес, како и соработка и помош во случај на природни катастрофи олеснување за трговијата, извозот и увозот, беше еден од заедничките заклучоци на видео конференцијата одржана пред еден месец.

Ги повикуваме и охрабруваме нашите колеги од регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан наскоро, преку единствениот пазар, ќе стане важен дел од секојдневицата на нашите граѓани – порача Вучиќ, Заев и Рама на видео конференцијата на 29 јуни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.