Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе престојува во Брисел на 17 и 18 август, соопштија од неговиот кабинет.

Според информациите, причина за неговата посета ќе биде продолжувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово. Во соопштението се наведува и дека Вучиќ за време на посетата на Брисел ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

По повеќе од една година, Александар Вучиќ и Албин Курти ќе се сретнат во седиштето на ЕУ за да ги продолжат разговорите во рамки на дијалогот за нормализација на односите.

Косовскиот премиер Албин Курти, пред средбата со Вучиќ, на 18 август во Брисел, изјави дека очекува повеќе од Европската унија (ЕУ) како посредник во дијалогот.

„Имаме право да очекуваме повеќе од ЕУ, особено да покаже поголема јасност и цврстина во однос на сопствените позиции, особено кога станува збор за настани како што се последните барикади и инциденти на северот на Косово“, рече Курти за Би-Би-Си на српски јазик.

Пред најавената средба, двајцата функционери меѓусебно се обвинија за можно насилство на Косово. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но официјален Белград го смета Косово за дел од Србија.

Европската унија (ЕУ), која посредува во дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, изрази загриженост поради зголемената потпалива реторика меѓу претставниците на Косово и Србија.

Средбата во Брисел доаѓа во време на зголемени тензии на Косово, кои настанаа поради одлуката на Владата на Косово за издавање документи за влез-излез за српските државјани кои влегуваат во Косово и за промена на српските регистарски таблички. По тензиите и блокирањето на граничните премини Јариње и Брњак одуката беше одложена на еден месец, односно треба да стапи на сила на 1 септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.