Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти ќе се сретнат на 19 јули во Брисел во рамките на новата рунда од Дијалогот Белград-Приштина, со учество на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел и медијаторот на ЕУ, Мирослав Лајчак.

Најавувајќи ја средбата, портпаролот на Борел, Петер Стано, оцени дека има напредок во последниот технички дијалог и додаде дека целта на дијалогот е „взаемно прифатлив консензус и компромис со цел да се постигне правно обврзувачки договор за нормализирање на односите“.

Секој состанок организиран од ЕУ како посредник е мал чекор напред. Нема назадување и тоа е важно – нагласи Стано.

Претходно денеска, Вучиќ изјави дека верува оти дијалогот со Приштина ќе продолжи на највисоко ниво во Брисел во текот на втората половина на јули.

По претходната рунда разговори меѓу Вучиќ и Курти, што се одржа во Брисел на 15 јуни, шефот на дипломатијата на ЕУ, Борел најави дека до крајот на јули ќе се одржи уште еден состанок на највисоките претставници на Белград и Приштина.

Во меѓувреме, главните преговарачи на двете страни се состанаа во Брисел во обид со експертските тимови да ги усогласат ставовите за претходно постигнатите договори за решавање на прашањето за исчезнатите лица, слобода на движењето, енергијата и формирањето на Зедницата на српски општини.

Тогаш, дипломатски извори во Брисел ја истакнаа важноста за добра подготовка за новата средба меѓу Вучиќ и Курти со цел да се избегне сценариото од претходниот пат, односно двете страни да не се согласуваат за ништо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.