Од 7 часот утрово започна гласањето во вториот круг од локалните избори во Грција во седум периферии и 229 општини, за избор на градоначалници и префекти онаму каде што минатата недела ниту еден од кандидатите не освои 50 отсто плус еден глас, јави дописничката на МИА од Атина.

Повторно се гласа во 71 отсто од изборните единици, меѓу кои и во двата најголеми грчки градови, Атина и Солун.

Во грчката престолнина, во првиот круг Костас Бакојанис од Нова демократија освои 42.65 проценти од гласовите, а неговиот противкандидат од СИРИЗА, Насос Илиопулос, 16.98 проценти.

Николаос Тахиаос и Зервас Константинос, и двајцата од Нова демократија, но вториот без партиска поддршка, ќе се борат за градоначалник на Солун. Разликата меѓу нив, минатата недела беше 7.47 отсто во корист на Тахиаос, кој е поддржан од најголемата грчка опозициска партија.

Кандидатката од СИРИЗА за градоначалник на Солун, Катерина Нотопулу не успеа да влезе во вториот круг, бидејќи според гласовите на граѓаните минатата недела заврши на четвртото место.

Во првиот круг од локалните избори, префект беше избран во шест од вкупно 13 периферии, од кои пет и припаднаа на опозициската Нова демократија.

Мандатот на новоизбраните градоначалници, префекти и членови на општинските и регионалните совети започнува од 1 септември годинава и ќе трае до 31 август 2023.

Гласачките места исто како и во првиот круг ќе бидат затворени во 19 часот по локално време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.