Фрлање молотови коктели врз Владата, Парламентот и полицијата, запалени прозорци, влезната и задната врата на Владата, повредени најмалку 15 полицајци, пробиени полициски кордони, многу димни бомби фрлени во правец на полицијата, употреба на солзавец и водени топови за разбивање на демонстрантите, уништен општествен имот, повеќе од 50 лица приведени, е најкусиот биланс за синоќешниот протест на обединетата албанска опозиција во Тирана, кој е најнасилен досега.

Може слободно да се извлече заклучок дека албанската метропола синоќа наликуваше на град во воена состојба.

Протестот почна во 18:30 часот, но иако дозвола имаше за два часа, организаторот соопштувајќи дека не ја признава полицијата продолжи и по полноќ, кога демонстрантите се собраа прд седиштето на Демократската партија, каде раководните структури на партиите која ја сочнуваат обединетата опозиција почнаа средба на која ќе се одлучува за понатамошната стратегија.

Собирот почна пред Владата со извикување „Рама оди си“, „Слобода-демократија“, „Рама твоето време замина“, но за кусо состојбата ексалираше со фрлање димни бомби и тврди предмети кон полицијата, а потоа и молотови коктели кон неа и Владата.

Пожарот кој пламна на влезната и задната врата и неколку прозорци брзо го изгаснаа припадниците на Националната града. Кога толпата го проби полицискиот кордон и се искачи по скалите на влезот во зградата, полицијата беше принудена да употреби солзавец, по што луѓето се повлекоа.

Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша во обраќањето повика да не се напаѓа полицијата, по што состојбата пополека се смири.

Денеска е одлучувачки ден за слобода или смрт! Сакаме Албанија како цела Европа, порача Баша на крајот од обраќањето кое беше преполно со обвинувања до премиерот Рама.

Тој и синоќа порача дека без опозицијата нема да има избори „ниту овој јуни, ниту следната година“, дека нема отстапување од барањето за „заминување на криминалецот Еди Рама“ и формирање преодна Влада, која ќе спроведе фер и демократски избори.

Илјадниците приврзаници на опозицијата и незадоволни граѓани, предводени од Баша, поранешниот албански претседател и премиер и екслидер на демократите, Сали Бериша, како и лидерката на Социјалстичкото движење за интеграција, Моника Круемади, се стационираа пред Парламентот, каде се повтори сликата од пред Владата.

Кога состојбата достигна кулминација полицијата употреби водени топови.

Од пред Парламентот демонстрантите заминаа пред Управата на полицијата во Тирана, барајќи ослободување на еден од организаторите, Саит Долапи, организациски секретар на Демократската партија, за „поттикување насилство“, а за кого постои и снимка како фрла, најверојатно, молотов коктел, кон полицијата. На зградата беа скршени повеќе прозорци, по што беа употребени водени топови.

Во општиот хаос, залудни беа неколкуте апели на претседателот Илир Мета кој повика на воздржаност и дистанцирање од насилни акти врз полицијата, ниту пак апелот за воздржаност упатен од американската амбасада во Тирана, која воедно го осуди насилството. И мисијата на ОБСЕ го осуди насилството и порача дека одговорноста треба да ја сносат организаторите.

Апел за смирување на состојбата упати и албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Леши.

Со молотови коктели не се гради демократија, туку тоа ја уништува Албанија. Но тоа е невозможно! Ги повикувам одговорните граѓани да се дистанцираат од напади врз институциите. Никој не може повторно да ја запали Албанија!, стои во апелот на Леши.

Премиерот Рама реагираше преку „Твитер“ каде со доза на иронија напиша дека „пожарот на Владата не и причинува ни најмала шетата, туку и причинува штета на Албанија“, нарекувајќи ја притоа политиката на опозицијата, „слепа политика“.

Ова беше четврти по ред масовен протест на опозицијата годинава, но според насилството ги надмина сите досегашни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.