По силното невреме кое синоќа го зафати егејскиот брег и ги погоди поголемиот дел од туристичките места под Солун и на полуостровот Халкидики, утрово локалните служби работат на нормализирање на состојбата.

По невремето постојат сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија што е во прекин од вчера во повеќе делови на Халкидики. Паралелно, огромна штета е предизвикана на патната мрежа во општина Халкидики.

Министерот за цивилна заштита на Грција, Михалис Хрисохоидис изјави дека се работи на тоа во следните часови и денови да се врати во нормала животот во регионот.

Туристите што во моментот се на Халкидики, преку социјалните мрежи известуваат што точно се случува во местото каде се сместени.

Во Неос Мармарас покрај струја, нема ни вода, која морале да ја исклучат бидејќи канализационите пумпи не можеле да работат поради оштетувањата на струјните кабли.

Неос Мармарас

Ветрот направи голема штета на вилите и плажите, но велат дека се очекува до 18 часот ситуацијата да биде нормализирана, затоа што голем број на мајстори работат на санирање на штетите, раскажува туристка преку група за туристи во Грција.

Слична е состојбата во Пефкохори, каде исто така, напојувањето со електирчна енергија е во прекин. Струја нема ни во Полихроно.

Пефкохори

Вака утрово изгледаат плажите во Неа Мудања. Според тамошните туристи, времето е мирно, но поголемиот дел од местото е уништен.

Неа Мудања

Во Јерисос утрово сè ште има силен ветер. Струја и вода, како и во поголемиот дел на полуостровот, нема ни во ова туристичко место на третиот крак.

Јерисос

Во Никити е мирно, облаците полека се расчистуваат и туристите се надеваат дека до попладне плажите ќе бидат расчистени. Струјата се вратила уште синоќа, но голем дел од туристите имаат проблем со безжичниот интернет.

Никити

Во ресортот Порто Карас е демолирано. Паднати се и голем број на дрвја кои направија доста штета на автомобилите на туристите.

Порто Карас

Струја и вода нема ни во Торони, каде сè уште е доста наоблачено и нестабилно.

Торони

Во Агиа Триада нема проблеми со водоснабдувањето и струјата, а штетите што ги остави невремето денеска се расчистуваат.

Струја и вода има и во Метаморфози.

Метаморфози

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.