Состојбата со епидемијата е сериозна и Србија е петта во Европа според бројот на нови случаи на 100.000 граѓани, изјави за РТС директорот на Канцеларијата на СЗО во Србија, Маријан Ивануша.

Тој додава дека интензивно се шири британската мутација на вирусот која полесно се пренесува и завршува со потешка форма на болеста и дека е потребно да се промени однесувањето и луѓето да се вакцинираат што е можно поскоро.

Знаеме како се пренесува вирусот, тоа се блиски контакти меѓу луѓето. Тоа треба да се спречи, дека е потребно растојание, употреба на маски, хигиена на рацете, респираторна хигиена, изолација на пациентите, како и дека мерките треба да траат се додека не дадат реултати – изјави Ивануша.

Тој додаде дека ситуацијата се влошува во цела Европа и наведе дека вакцините дејствуваат и против британската мутација.

Според последните податоци на Владата, во Србија се извршени вкупно 2.178.930 вакцинации, а втората доза ја примиле 865.018 граѓани.

Србија е десетта во светот според вкупниот број на вакцинирани и трета во Европа според вкупниот број на вакцини дадени на милион жители.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во Србија денеска ќе пристигнат нови 100.000 вакцини „Спутник“ од првата компонента, а милион дози на кинескиот „Синофарм“ ќе бидат испорачани меѓу 5 и 10 април.

Директорката на Републичкиот фонд за здравствено осигурување (РФЗО), Сања Радојевиќ Шкодриќ, соопшти дека во Србија пристигнале вкупно 5.800 нови лекови за Ковид-19 од американскиот производител „Елај Лилија“.

Таа објасни дека овој нов лек за ковид пациенти спречува натамошно врзување на вирусот со клетките и изјави дека неговата ефикасност е многу висока и изнесува 95 отсто.

Шкодриќ соопшти дека овој лек се дава на пациенти кои не се хоспитализирани и спречува пациентот да добие посериозна клиничка слика.

Тој е наменет за пациенти кои имаат лесни и умерени симптоми и оние кои се изложени на ризик да добијат посериозна слика поради хронични и други болести – изјави директорката на РФЗО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.