Според изјавите дадени од политичките субјекти пред изборите на сите нивоа во Србија на 3 април, очекувањата беа дека Александар Вучиќ ќе победи уште во првиот круг на претседателските избори, како што самиот најави „со близу 60 отсто поддршка“, дека неговата Српска напредна партија (СНС) ќе победи и на парламентарните избори и на локалните избори, а дека опозицијата по долгогодишното отсуство ќе влезе во Парламентот и ќе победи на изборите за Град Белград.

Волјата на српските граѓани по завршување на изборите потврди само една од овие желби, а тоа е нивната неприкосновена поддршка за Александар Вучиќ за нов претседателски мандат, кој победи со близу 60 отсто освоени гласови.

Останатите желби и прогнози делумно се исполнија и на парламентарно и на ниво на изборите за град Белград, што заедно со геополитичките моменти по руската агресија на Украина и санкциите кон Русија, влијаат врз формирањето на новата српска Влада и новата градска власт во Белград, што сето заедно е условено со можни коалиции и зависи едно од друго. Тоа најмногу ќе зависи од концептот на Александар Вучиќ за идните државни насоки на Србија по зголеменото меѓународно барање за негово одредување на патот кон ЕУ или Русија, но и од политичките амбиции на лидерот на СПС, Ивица Дачиќ, кој на изборите настапи под слоганот „Ивица Дачиќ – нов српски премиер“ и со нагласено проруски изјави.

СНС освои најмногу гласови на парламентарно ниво – 120 од можни 250 мандати, но не може самостојно да формира нова српска Влада. Од опозицијата, расцепкана во повеќе групации, коалицијата Обединети за Србија освои 38 пратенички места, со што стана втора по големина парламентарна група, трета е Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ со освоени 32 мандати, а четврти се екологистите од Мораме со 12 пратеници. Останатите пратенички мандати им припаднаа на малцинските претставници или на десничарските партии – ДСС, Двери, ПОКС, Заветници (вкупно 35 мандати), кои најавија нивно здружување или коалицирање врз платформата на патриотизмот и русофилијата, како трета политичка опција во Србија.

Од изјавите на лидерот на СНС, Александар Вучиќ, по изборите јасни се само две работи – дека СНС сигурно ќе коалицира со малцинските партии, пред се со Сојузот на Унгарците од Војводина (СВМ), со што ќе го има потребното тенко мнозинство во Собранието и второ, дека според законските прописи, новата српска влада ќе се формира до почетокот на август.

И покрај крајно отровните стрели насочени кон социјалистите и нивниот лидер Ивица Дачиќ од страна на СНС од крајот на изборната трка, се смета дека е реално да се очекува СПС да биде дел од новата Влада, бидејќи Вучиќ е свесен оти СПС и Дачиќ „може да бидат многу незгодни, ако се преселат во опозицискиот табор“.

Аналитичарите сметаат дека Вучиќ, како што тоа го направи неколку пати во изминатите неколку години, се обидува да ја намали „постизборната цена“ на социјалистите. Од СНС се уште изјавуваат дека СПС се однесувала премногу „лежерно“ во изборната кампања, се однесувала недржавнички со проруските изјави и заложби за невоведувањето санкции кон Русија одземајќи им со тоа гласови, но намерно избегнуваат да го спомнат фактот дека без поддршка на социјалистите би било невозможно Александар Вучиќ да победи во првиот круг за претседател на Србија.

Спуштајќи ја цената на социјалистите што е можно повеќе, СНС ја споменува наводната „неподобност на Дачиќ во очите на Западот“. Како што објаснуваат познавачите на политичката сцена, не треба да се заборави дека Ивица Дачиќ и покрај тоа што никогаш не ја криеше својата проруска ориентација, како премиер пред девет години го потпиша Бриселскиот договор со Приштина, постигнат под покровителство на Европската унија.

Изборот на новата коалициска влада, донекаде е поврзан и со изборите за Град Белград, каде СНС освои мал број гласови и каде без социјалистите на Дачиќ и гласовите на десницата едвај може да го има минимално потребното мнозинство од 56 од вкупно 110 одборници. Опозицијата иако севкупно гледано оствари успех и победи во градските општини на Белград, исто така има проблем на договор и бројни меѓусебни кавги за обезбедување на обезбедување на минимум 56 одборници за освојување на власта во главниот град на Србија.

Затоа Александар Вучиќ, како искусен политичар, како и поради немањето легитимитет на СНС за градска власт, направи маестрален политички маневар. Го прими лидерот на Партијата на слободата и правдата (ССП), Драган Ѓилас, со кој според изјавите на двајцата, постигнат е договор. Како што најави Ѓилас „важно е што дојдовме до нови избори во Белград, а дали тие ќе се одржат за шест или девет месеци е помалку важно“, отколку „можноста дали ќе имаме редовни избори“ во главниот град на Србија и дека на изборите ќе се оди со формиран привремен орган, кој ќе управува со Белград, составен од власта и опозицијата.

Со овој потег најмногу добива Вучиќ – ја продлабочува демократијата во Србија, ја спушта постизборната коалициска цена на СПС на Дачиќ, а опозицијата добива шанса за победа во Белград. Иако минимална, поради веќе почнатите кавги и меѓусебни обвинувања на главните опозициски лидери – Ѓилас од една страна и Вук Јеремиќ од народната партија (НС) и Зоран Лутовац од Демократската партија (ДС) од друга страна.

Останува само енигмата за количеството на притисоци на Западот и Русија врз Србија во поглед на составот на идната српска влада, која треба да го води политичкиот и економскиот пат на земјата во наредните четири години. Се е во рацете на Вучиќ, кој изјавува дека пред се ќе ги гледа интересите на Србија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.