Од 1 јануари 2022 година во Србија се воведува плаќање данок за користење моторни возила сразмерно на економската моќ, односно пазарната вредност на автомобилите, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Бранислав Недимовиќ, презентирајќи ги измените во Законот за даноците на користење, држење и превоз на стоки.

„Мислам дека овој закон ќе наиде на големо одобрување. Најголема е интервенцијата кај патничките и другите возила кои се на возраст од пет до 20 години и имаат повеќе од 2.000 кубици. Тие ќе плаќаат помал данок при регистрација“, рече Недимовиќ.

Според него, во моментов данокот за користење на моторни возила, што се плаќа при регистрација, е намален за сите возила по старост за 15, 25 или 40 отсто.

„Сега се предлага да се зголеми процентот на намалување“, рече Недимовиќ.

Гледано по категории, за возилата од пет до осум години намалувањето на данокот ќе биде 25 отсто, наместо досегашните 15 отсто, потоа за возилата од осум до 10 години намалувањето од 25 отсто оди на 40 отсто, а за возилата од 10 до 20 години намалувањето ќе биде 65 отсто наместо досегашните 40 отсто, рече српскиот министер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.