Полицијата во Солун открила мрежа на нелегални посвојувања и трговија со јајце клетки, а биле уапсени 12 лица меѓу кои и доктор и адвокат, но и три жени од Грузија кои имале главни улоги, а во предметот се вклучени над 60 лица, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Повикувајќи се на судски извори, АНА-МПА пишува дека во предметот се вклучени десетици случаи на жени од Бугарија кои „по порачка“ раѓале деца во Грција, а новороденчињата во замена за паричен износ биле давани на парови кои не можат да имаат деца, jави дописничката на МИА од Атина.

Цената на нелегалното посвојување достигнувала и до 25 илјади евра, во која било вклучени и трошоците за пораѓање и слично. Додека пак, во зависност од полот на бебето, се менувал и ценовникот.

Криминалната мрежа, освен со нелегални посвојувања се занимавала и со трговија на јајце клетки, односно млади девојки од странство кои добивале пари за нивните јајце клетки, за подоцна членовите на мрежата да ги продаваат. Според АНА-МПА, во конкретниот случај веројатно е вмешана и приватна клиника која се занимава со ин витро оплодување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.