Обвинителството во Сараево почна истрага дали луѓе умираат од Ковид-19 затоа што се поврзани на неквалитетни респиратори од Кина.

Одлуката е донесена откако 17 анестезиолози од Клиничкиот центар во Сараево предупредија дека е обезбедена несоодветна опрема за пациентите со најтешка клиничка слика на Ковид-19, објавија сараевските медиуми.

Со оглед на тоа што бројот на смртни случаи нагло се зголеми, анестезиолозите, особено во Сараево, како можна причина наведуваат дека во најтешката фаза на болеста тие се поврзани со неквалитетни респиратори купени минатата година од Кина под сомнителни околности.

Поради тоа, се води постапка против премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ и други лица вклучени во набавката, за што беа одвоени 5,3 милиони евра од буџетот.

Според анестезиолозите кои работат со нив, стотици кинески респиратори означени со AЦM812A, практично се бескорисни во болниците затоа што не дозволуваат спроведување на поставките за вентилација на пациентот, ниту пак се корисни за лекување на патолошката состојба на пациентите со дијагностициран Ковид-19.

По вонредната седница на владата на Сараевската жупанија, нејзиниот претседател Един Форто изјави дека поради тоа ќе биде побаран вонреден инспекциски надзор над ситуацијата во клиниката во Сараево.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.