Новата учебна година започна денеска во Црна Гора, а наставата во основните и средните училишта е прилагодена на новите епидемиолошки мерки. Taка беше во речиси сите земји од регионот освен во Македонија.

По шестмесечна пауза предизвикана од епидемијата на коронавирус, започнаа часовите во сите црногорски училишта за учениците од прво до шесто одделение, додека учениците од седмо, осмо и деветто одделение ќе ја следат наставата преку Интернет со постојани консултации и тестирања во училиштето. По појавата на првите случаи на коронавирус во март, часовите не се одржуваа во училиштата, туку учениците имаа онлајн настава.

Според упатствата на Министерството за образование и Институтот за јавно здравје, задолжително е да се носат маски и да се почитува мерката за физичко растојание. Мерките предвидуваат дека не треба да има повеќе од 15 ученици во училницата истовремено, додека само еден ученик може да седи во една училишна клупа. Неопходно е да се одржи физичко растојание од најмалку два метра,а децата нема да имаат училишен одмор, туку паузи што можат да ги поминат во училница.

Мерките на Министерството предвидуваат часовите за учениците од основните училишта да траат 30 минути, најмногу четири часа, а за средношколците 30 минути со најмногу шест часа. Министерството појасни дека сите тестови за знаење, тестови, контролни и писмени задачи за сите ученици ќе бидат организирани исклучиво во училиштето, со почитување на мерките.

Учениците и наставниот персонал не смеат да доаѓаат во училиштето ако имаат симптоми на респираторна или цревна инфекција, треска, губење на чувство за мирис или вкус, итн., како и лица на кои им е издадено решение за карантин или домашна изолација.

Според Институтот за јавно здравје во Црна Гора, во моментов има 3.411 активни случаи на коронавирус, додека од јуни досега се регистрирани 160 смртни случаи предизвикани од Ковид-19.

Со мали инциденти пред грчкиот Парламент и со пораката до Владата да ги преземе неопходните мерки во училиштатат за заштита од коронавирусот, заврши протестот во Атина на учениците и просветните работници.

„Не за уште една загубена годна, образование, здравје, безбедност во сите училишта“; „Маската не е единствената заштита“; „Дајте пари за образованието“, беа дел од слоганите на протестот, а главните барање на учениците се да се намали бројот на учениците во одделенијата, да се зголеми бројот на наставници и професори, но и да се зголеми бројот на хигиеничари, јави дописничката на МИА од Атина.

Кусо пред крајот на протестот, пред грчкиот Парламент имаше и мали инциденти кога група млади лица фрлија молотови коктели и камења кон полицијата, која одговори со солзавец, по што и се смирија страстите.

Во Грција над 800 училишта не функционираат регуларно со оглед на тоа дека 148 се делумно затворени поради регистриран случај на Ковид-19, додека пак во околу 700 не се одржува настава и се затворени поради опсади од учениците кои бараат исполнување на нивните барања.

Министерката за образование на Грција, Ники Керамеос рече дека за училиштата кои веќе извесно време се затворени поради опсадите, од денеска започнува задолжителна онлајн настава, а во саботите, за време на празниците и слично, ќе бидат надополнети сите изгубени часови.

– Легитимен е секој став и мислење, но дијалогот треба да се одвива со отворени училишта. Не може кој било да го спречува пристапот до образованието, порача Керамеос

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.