Мојата процена е дека Владата ќе добие доверба и ќе може да продолжи да ја води земјата, изјавил грчкиот владини портпарол и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчката телевизија Алфа.

Говорејќи за одлуката на грчкиот премиер Алексис Ципрас да побара доверба од Парламентот, рече дека е „иницијатива со висока политичка симболика, но и голем политички ризик” и ги поставува пратениците и политичките сили пред историска одговорност.

Ѕанакопулос објасни дека гласањето доверба на Владата не треба да се поврзе со ратификацијата на Договорот од Преспа, бидејќи се две комплетно различни гласања, а едното не го одредува другото, но додаде дека и за двата процеса постои мнозинство во актуелниот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Моето мислење е врз основа на она како досега стојат работите и врз основа на изјавите на политичките сили, особено во однос на Договорот од Преспа, дека е обезбедено апсолутно мнозинство во актуелниот Парламент, рече Ѕанакопулос и објасни дека причината зошто премиерот бара доверба е за да се избегне неизвесност во Владата по повлекувањето на Панос Каменос.

Тој упатил и критики до лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, дека не се осмелил да поднесе иницијатива за гласање недоверба на Владата „бидејќи длабоко во себе не сака актуелната Влада да си замине пред да се завршат низа теми меѓу кои главната е Договорот од Преспа”.

Господинот Мицотакис сака да помине Договорот од Преспа, но нема храброст. Бидејќи е неодговорен политичар, политичар кој нема сила да ја брани политиката, кој длабоко во неговиот ум знае дека е во корист на националниот интерес, рече Ѕанакопулос и додаде дека Мицотакис во конкретната политичка насока, веќе една година го води екстремно десничарската група од Нова демократија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.