Во Косово и денеска продолжи трендот на ниски бројки на новозаразени од Ковид-19, а повторно, како и воглавно во последните неколку недели, немаше ниту едно починато лице како последица на пандемијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според последниот извештај на косовското Министерство за здравство, во изминатите 24 часа во земјата се регистрирани само два нови случаи на заразени, што изнесува 0,15 отсто од вкупно 1.265 извршени тестирања.

Во извештајниот период се евидентирани и 15 случаи на лица кои ја совладале болеста, по што бројката на активни случаи во цело Косово, според официјалните податоци на здравствените власти во земјата, изнесува 322.

Изминатите повеќе од месец дена во Косово се евидентираат во просек по околу десетина новозаболени од Ковид-19, односно од два денеска, што е најниска бројка во подолго време, до најмногу 20 пред цел еден месец. При тоа, бројката на извршени тестирања со методот РТ-ПЦР е меѓу 1.200 и над две илјади дневно.

Значително е опадната и бројката на жртви на пандемијата и таа главно се движи од нула до најмногу двајца починати, при што, на пример, во последните три недели, вкупно починале петмина заболени.

Сепак, и покрај ниските бројки, косовските власти предупредуваат дека е можно ново „избувнување“ на епидемијата поради појавата во светот и окружувањето на новите варијанти на вирусот, поради што не ја исклучуваат можноста од воведување нови рестриктивни мерки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.