Во 7 часот утринава отворени се гласачките места во Република Хрватска за гласање на парламентарните избори за десетиот состав на Хрватското собрание. Се избираат 151 претставник – по 14 во десет територијални единици, 8 пратеници од националните малцинства и 3 пратеници на хрватските граѓани надвор од Хрватска, односно дијаспората.

Гласачките места се затвораат во 19 часот, а Државната изборна комисија првите неофицијални резултати од овие избори ќе започне да ги објавува околу 21 часот. Изборите ги следат 8 700 набљудувачи.

Право на гласање на изборите на 5 јули имат вкупно 3.859.481 гласач. На 6 999 гласачки места во Хрватска може да излезат 3.674.695 хрватски граѓани со право на глас и живеалиште во Хрватска, а на 112 избирачки места во 42 земји од светот се гласа 2 дена, во сабота 4-ти и недела 5-ти јули и на гласање може да излезат 184.786 гласачи кои живеат надвор од Хрватска.

Во кампањата која траеше вкупно 14 дена гласачите имаа можност да се запознаат со програмите на речиси 2700 кандидати од 192 изборни листи.

Изборите се одвиваат во посебни околности заради пандемијата со Ковид-19, а кампањата помина без масовни собирања. На самиот ден на изборите на гласачките места се препорачува носење маска, задолжителна дезинфикација и држење физичка дистанца од 1,5 метар, како и користење на сопствено пенкало.

Во домовите за стари лица по предупредувањето на Уставниот суд на Хрватска овозможено е гласање пред установата, а гласањето ќе се овозможи секому кој ќе се пријави до пладне на 5 јули.

Исто така е овозможено и гласање на лицата во самоизолација и оние кои се заразени, но во нивните домови – со претходна најава и во најстроги епидемиолошки мерки, каде самиот чин на гласање ќе го изврши „лице од доверба“.

На гласачките места сите членови на избирачкиот одбор се со заштитни маски и со ракавици од отворањето на гласачките места се до завршување на гласањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.