Бројот на смртни случаи во Холандија годинава поради пандемија на коронавируси има највисока стапка од Втората светска војна, соопшти денеска холандскиот државен завод за статистика (ЦБС).

Заклучно со минатата недела годинава, пријавени се околу 162.000 смртни случаи во земјата со 17 милиони жители, 13.000 повеќе отколку што се очекуваше во регуларна година, соопшти ЦБС.

Такво зголемување на бројот на смртни случаи не е забележано од Втората светска војна, се вели во соопштението.

Според ЦБС, околу 9.000 луѓе повеќе од просекот починале за време на првиот бран на пандемијата, додека повеќе од 6.000 дополнителни смртни случаи се пријавени од почетокот на вториот бран кон средината на септември.

Бројот на починати бил помал од просекот во повеќето други недели, велат статистичарите.

Од почетокот на пандемијата во Холандија имало вкупно 770.400 заразени, а повеќе од 11.000 пациенти починале од Ковид-19.

Вистинскиот број на заразени и починати веројатно е значително поголем бидејќи во текот на првите месеци од пандемијата, поради недостиг на тестови и лабораториски капацитет, биле тестирани само сериозно болни пациенти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.