Портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, на редовен брифинг со новинарите, соопшти дека се вакцинирани 6,4 милиони Грци над 12-годишна возраст, што значи дека имунизирани се секои двајца од тројца Грци над 12 години. Иконому додаде дека ако во таа бројка се вклучат и оние кои стекнале имунитет откако го прележале вирусот, тогаш се доаѓа до бројка дека три четвртини од граѓаните над 12 години имаат антитела.

Иконому посочи дека, ако ситуацијата се погледне обратно, без малолетните лица, тогаш само 15 отсто од возрасната популација нема антитела.

Портпаролот додаде дека Владата ќе продолжи да вложува секаков можен напор, со сите средства што ги има на располагање, за да убеди да се вакцинираат колку е можно повеќе невакцинирани граѓани.

За епидемилошката состојба во Солун и евентуалните рестрикции во градот, Иконому изјави дека „во агендата на Владата не постојат карантини како оние од минатото“, а повремено се воведуваат мерки онаму каде што се забележува зголемувања на новите случаи.

Во однос на училиштата, Иконому повтори дека намерата е тие да останат отворени и да продолжи наставата со физичко присуство на учениците, додека за случаите на Ковид-19 кај децата тој нагласи дека тоа е нешто што почнало уште од август и е очекувана разврска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.