За шверц и трговија на дрога од Албанија кон Турција и обратно, по морски пат, со глисери, грчката полиција и грчката крајбрежна служба уапси четири лица и заплени 1 172 килограми суров канабис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во неколкудневната акција спроведена во различни делови на Грција, полицијата и крајбрежната служба разбија меѓународна криминална група, а дрогата ја откриле скриена во пештера на малиот остров „Пипери”, што е дел од Спорадските Острови.

Како што соопшти Спиридон Евангелиди, директорот на секторот за борба со дрога од крајбрежната служба на Грција, на 25 септември 2019 во морска акција во која биле вклучени 10 патролни бродови, еден хеликоптер и еден авион на крајбрежната служба, и две воздушни средства на Фронтекс, во југоисточниот дел на Егејското Море биле уапсени три лица кои се превезувале со глисер.

Четири дена подоцна, на 29 септември 2019 бил откриен уште еден глисер и уапсено уште едно лице, а вчера, во пештерата на малото островче била пронајдена и дрогата.

Според портпаролот на грчката полиција, Теодорос Хронопулос, криминалната мрежа од Албанија кон Турција, по морски пат, преку Грција пренесувала суров канабис, а од Турција кон Албанија, на ист начин, хероин. За транспортот на дрогата одбирале денови со лоши временски услови, со дожд и силен ветер.

Четворицата уапсени се странски државјани на возраст од 25 до 42 години, а се бараат уште две лица под сомнение дека биле нивни соработници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.