Националната организација за јавно здравје на Грција, соопшти дека во земјата се регистрирани108 нови случаи на мутации на Ковид-19, од кои 107 се од британската и еден од јужноафриканската мутација. Со тоа, вкупниот број на мутирани случаи во земјата се зголеми на 174.

Новите случаи се по анализираните примероци за периодот од 12 до 27 јануари, а 80 во областа Атика, поширокиот дел на Атина, од кои 50 во дом за стари лица, 14 се на Халкидики, 11 во Патра и по еден во Солун и Пиериа.

Првиот случај на јужноафриканската мутација на Ковид-19 е во Солун, а како што соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, потврден е кај свештено лице во солунска црква.

Хардаљас изјави дека случајот не се однесува на ширење на вирусот меѓу членовите на конкретниот Соборен храм и истакна дека „нема потреба од паника, потребна е смиреност и трезвеност“.

Заменик- министерот за цивилна заштита на Грција, заедно со претседателот на Националната организација за јавно здравје Панајотис Аркуманес итно заминаа за Солун, откако беше потврден првиот случај на јужноафриканската мутација на Ковид-19.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 156.957 случаи на Ковид-19, а починаа 5.796 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.