Во рамки на контролите за почитување на забраната за движење, грчката полиција од понеделникот заклучно со вчера со 150 евра казнила 4063 граѓани, додека пак компанија за антисептици, поради профитерство ќе треба да плати казна од 50 илјади евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текот на вчерашниот ден, при контролите на грчката полиција, биле казнети 1113 лица за непотребно движење и прекршување на забраната, а најголемиот дел, 344 прекршувања се во Атика, поширокиот дел на Атина.

Од понеделникот, кога и стапи во сила забраната за движење, заклучно со вчера биле изречени 4063 казни.

Интензивни контроли се вршат и во компаниите за антисептици, во однос на почитувањето на законски утврдената максимална стапка на профит и во борбата со профитерството.

Министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгиадис, во интервју за грчката телевизија „Мега“, утрово рече дека досега се направени над 400 контроли.

-Онаму каде откривавме проблеми, казнувавме. Вчера ја изрековме првата казна од 50 илјади евра на компанија за антисептици која сметаше дека е добро за време на криза да си ја зголеми стапката на профит за 10 процентни. Ова е тотално неприфатливо. Сите треба да сфатиме дека не е време за лесен профит, рече Георгиадис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.