Вредноста на потрошувачката кошничка во Црна Гора за година дена пораснала за 104 евра, пишува подгоричкиот весник „Вијести“.

Податоците што ги објави националната Агенција за статистика „Монстат“ покажуваат дека кога станува збор за храна најмногу се извојувало за млеко, сирење и јајца – 91 евро, потоа за месо – 71,5 евра, потоа следува зеленчукот со 58 евра, лебот и житарките 37 и овошјето 35,7 евра.

Според „Монстат“, месечните трошоци за храна за четиричлено домаќинство во јули изнесувале 349 евра, додека трошоците за непрехранбени производи и услуги биле 412 евра.

Споредено со истиот месец лани, издвојувањата за храна се зголемени за 63,6 евра, од кои оние за млеко, сирење и јајца се поголеми за речиси 20 евра, а за месото за десет евра.

Во однос на почетокот на годината кога изнесуваше 681 евро, месечната потрошувачка кошничка е зголемена за цели 80 евра.

Јунската просечна плата од 708 евра е 93 отсто од нивото на минималната потрошувачка кошничка за јули, додека само во јануари и февруари просечната плата во Црна Гора била повисока од вредноста на кошничката. Минималната плата од 450 евра е 59 отсто од минималната потрошувачка кошничка.

За споредба, просечната плата во Црна Гора во јули минатата година изнесуваше 530 евра, што беше 80 отсто од вредноста на минималната потрошувачка кошничка.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.