Од воведувањето мерки за борба против епидемијата на коронавирус на 15 март годинава, невработеноста во Црна Гора е зголемена за 20,99 проценти, односно 7.446 лица останаа без работа.

Овие податоци беа презентирани од Горан Бубања, помошник директор на црногорскиот Завод за вработување во Секторот за евиденција и истражување во областа на вработувањето.

На денот на воведувањето на мерките за борба против епидемијата на вирусот Ковид-19 (15 март), 35.466 невработени лица беа запишани во евиденцијата на Бирото (20.541 или 57,91 процент беа жени), така што имаше пораст на невработеноста за 7.446 лица или 20,99 проценти – изјави Бубања на „Побједа“.

Според него, на најголемиот број лица им е прекинат работниот однос поради истекот на договорот за работа на определено време – 4.159 или 82,05 проценти, потоа склучување договор со работодавачот за престанок на работниот однос – 311 или 6,13 проценти и исплатена отпремнина на работникот за чија работа нема повеќе потреба – 196 или 3,87 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.