По пауза од речиси две години, од утрово во центарот на Атина се враќаат сообраќајните ограничувања, односно се воведува мерката пар-непар за возилата со цел да се намали сообраќајниот метеж.

Возилата со регистарски таблички што завршуваат со парни броеви може да влезат во конкретно дефинираното централното градско подрачје, само во парни денови од месецот, додека оние што завршуваат со непарни броеви можат само во непарни денови.

Исклучок од мерката има за електричните, хибридните и возилата на природен гас, за ЕУРО 6 автомобилите кои испуштаат под 120 грама јаглерод диоксид на километар, за автомобилите на државните служби, како и за странските дипломатски мисии во Грција, за автомобилите со странски регистарски таблички, за постојаните жители на центарот на Атина, како и за претставници на медиуите, политичките партии итн, но со ограничен број.

Мерката стапи во сила денеска, а ќе важи до 22 јули 2022 година, од понеделник до четврток од 7 до 20 часот и во петок од 7 до 15 часот. За прекршување на забраната предвидена е казна од 100 евра.

Откако во Грција се укинаа речиси сите рестрикции воведени поради пандемијата, центарот на Атина се соочи со огромен сообраќаен метеж, веројатно поради тоа што граѓаните одбраа да користат автомобили за да го избегнат јавниот превоз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.