Трет ден по ред по неуспешни обиди да изберат претседател на Парламентот, во Бугарија народните пратеници денеска повторно ќе заседаваат, и засега според медиумите и аналитичари се очекува поинаков тон во дискусиите.

Седницата повторно ќе ја води Вежди Рашидов како највозрасен пратеник кој вчера се повлече откако беше предложен од ГЕРБ-СДС за претседател на Парламентот, во обидите да се најде консензус. Рашидов објасни дека се повлекува поради разум и би бил среќен доколку пратениците го изберат претседателот на Националното собрание.

До т.н. пат-ситуација се дојде откако кандидатите на ГЕРБ Росен Желјазков и ПП Никола Минчев уште првиот работен ден не ја добија потребната поддршка. Вчера двете најголеми парламентарни политички сили ги повлекоа своите кандидатури. Вака дојде до изборот меѓу Јордан Цонев од ДПС и Кристијан Вигенин од БСП. Сепак, ниту еден од нив не доби доволно гласови за.

На прашање дали е оптимист дека денеска ќе биде избран претседател на Собранието, Христо Иванов од „Демократска Бугарија“ изјави дека очигледно тешкотиите продолжуваат, но атмосферата е сменета, јави БТА.

„Ситуацијата околу изборот на претседател на Народното собрание е без преседан. Денеска е критичен ден бидејќи завршува првата недела на овој парламент“, изјави за бугарската ТВ Нова уставниот судија Јанаки Стоилов.

„Јасно е дека овој процес само ќе ја докаже неспособноста на Собранието да направи нешто. Во средниот век имало случаи кога биле потребни месеци, па и години за да се избере папа. Но, ние сме сепак во подинамично време“, додаде тој.

Уставниот судија е дециден дека не треба да се менуваат правилата околу изборот на првиот човек на Собранието. Според него, може да се поднесуваат имиња, да се извлече едно име и да се гласа. „Идентификацијата на лица по ждрепка не е непознато. Овој метод може да се примени, но ја покажува немоќта на парламентот. Но, пак треба да се гласа“, смета тој.

Според пратеникот од политичката партија „Продолжуваме со промената“ Венко Сабрутев претходните претседатели на бугарскиот Парламент „се избираа со театар“.

„Задкулисните игри се заседнати, има договор и се прави театрална сцена во пленарната сала каде се говори со солзи и фиктивно гласање. Оваа година гледаме дека статус квото се повеќе губи позиции“, изјави тој.

Сабрутев додаде дека – Не може да се именуваат луѓе кои имаат лош углед во јавноста, и посочи дека партијата е категорична дека сакаат стабилност во државата, а не нови избори.

„Веќе имаше идеја да ја напуштат салата и да не учествуваат во процедурите и гласањето. Одбиваме да учествуваме во дебати и нема да учествуваме во гласањето доколку нема договор дека може да се избере еден кандидат“, изјави лидерот на „Бугарски подем“ Стефан Јанев.

– Расправата во Народното собрание мора да биде зрела, а таму моментално гледаме градинка, изјави Даниел Митов од ГЕРБ.Според него политичката партија Продолжуваме со промената сака нови избори.

– Довербата на граѓаните во парламентот е исклучително намалена. Тоа се гледа од слабиот одѕив на гласачите, изјави Петар Петров од бугарската политичка партија „Прородба“.

„Политичка шизофренија“. Со таква квалификација бугарскиот психијатар Цветеслава Галабова ја коментираше неможност на пратениците да го изберат претседателот на Народното собрание во изјава за ТВ Нова.

„Тоа се луѓе целосно водени од нивните внатрешни стимулации, без допир со реалноста. Парламентот е шарен букет патологија на личноста, преовладуваат нарцисите. Тие покажаа дека воопшто не се грижат за гласачите. Тие се целосно преокупирани со своите желби за величина“, истакна психијатарот.

Според неа, лекот за пратениците се „социјални шамари“.

„Во сите партии има квалитетни луѓе, но тие не излегуваат напред, туку се користат како полнење. Ги гледаме истите луѓе кои и покрај неисполнетите ветувања се уште сакаат да владеат. Не ги сакаме веќе овие личности кои претставуваат ниско ниво на театар. Ќе го скршат парламентарниот систем“, изјави таа. Според неа, „политичката елита“ ја сочинуваат луѓе водени од лични стимулации, па затоа не можат да се обединат околу јавниот интерес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.