Повеќе илјади граѓани и свештеници се собраа вечерва на протестниот митинг „Литии за спас на Србија“, пред зградата на Патријаршијата на СПЦ во Белград, од каде започнаа протестна прошетка која заврши пред храмот Свети Сава, каде патријархот Порфириј одржа Сенародна молитва за светоста на бракот и фамилијата, јави дописникот на МИА од Белград.

На собирот беше истакнато дека целта на денешната поворка е да се спречи одржувањето на манифестацијата Европрајд, со порака дека ќе се соберат иститот ден доколку во рамките на манифестацијата Европарајд закажана за 17 септември се одржи прошетка и доколку МВР не го дозволи шетањето.

Тие побараа „забрана за промоција на хомосексуална и транссексуална идеологија кај малолетниците“, како и повлекување на веќе донесените закони и забрана за усвојување на сите други закони кои „удираат на христијанските и семејните вредности“.

Граѓаните, свештенството и монасите во поворката носеа икони, крстови, транспарети, но и слики од Путин, слики на Дража Михаиловиќ, свеќи, знамиња на Србија и големо знаме на Русија, а кон поворката се приклучија и организирани групи мотоциклисти „Ноќни волци“.

На присутните верници им се обрати патријархот Порфириј, кој рече дека „Бог утврдил што е природно, а што неприродно“. Во својот говор што следеше по молитвата, тој изрази противење на Европрајд, велејќи дека целта е „да го преобликува општеството и нашиот начин на живот без ние да го бараме тоа“.

-Затоа, за нас православните христијани, ЛГБТК+ идеологијата е неприфатлива. Но, ние зборуваме како христијани и затоа нагласуваме дека истовремено сме против сите видови насилство, дека сме против презир, омраза, прогон и жигосување на оние кои ги делат тие идеи, особено ако насилството се шири во името на црквите и името на Христос, рече срспкиот патријарх.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.