Со учество на претседателите на Франција и на Кипар, премиерите на Шпанија, Хрватска, Словенија, Италија, Малта, министерот за надворешни работи на Португалија и домаќинот Грција, како и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, денеска во Атина ќе се одржи самит на групата ЕУМЕД-9.
Станува збор за земји членки од медитеранскиот дел на Европската Унија, првичниот формат на групата беше МЕД-7, а сега вклучени се и Хрватска и Словенија.
Според портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, на состанокот ќе стане збор за „безбедносните предизвици на Медитеранот, што ги ставаат во опасност безбедноста и стабилноста во регионот, потенцијалните нови кризи, како што е мигрантската, по последните случувања во Авганистан и климатските промени“.
На иницијатива на премиерот Кирјакос Мицотакис, годинашниот Самит МЕД-9 ќе се фокусира на климатската криза, на заштитата на животната средина и потребата за заедничко дејствување и соработка меѓу медитеранските земји – изјави Иконому на брифинг со новинарите.
Во рамките на Самитот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе оствари билатерални средби со неговите колеги од Хрватска и Италија.
Токму поради одржувањето на состанокот, за попладневните часови, во Атина беше закажан протест против Самитот ЕУМЕД-9, организиран од „Иницијативата против уништувањето на животната средина и климатските промени“.
Меутоа, со одлука на полицијата, од 6 часот утрово до полноќ забранети се секаков вид собири, протести или демонстрации во поширокиот дел на центарот на Атина, како и во населбата каде што ќе се одржи состанокот на ЕУМЕД-9.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.