Албанскиот технички комитет за справување со пандемијата со Ковид-19, по направената анализа на епидемиолошката состојба во земјата, одлучи постојните антиковид мерки, меѓу нив и полицискиот час, кој е воведен во средината на ноември минатата година, да останат во сила и понатаму.

Како што информираше Мира Ракацоли, претседателка на комитетот полицискиот час, останува и понатаму и тоа од 23 до 6 часот, освен на новогодишната ноќ, но со препорака да се избегнуваат големи собирања. Исто така музика во угостителските објекти се дозволува до 23 часот, а присуство на настани со 30 отсто исполнетост од капацитетот.

Граѓаните кои влегуваат во Република Албанија од сите гранични премини, освен деца до 6-годишна возраст мора да поседуваат сертификат за вакцинација, при што од денот на ревакцинацијата треба да изминале најмалку две недели, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, брз антиген тест од 48 часа или потврда дека прележале Ковид, валиден до 6 месеци по заздравувањето.

Ракацоли, апелираше граѓаните да се вакцинираат и да ги почитуваат утврдените мерки за заштита и спречување на ширењето на вирусот.

-Постојните мерки што се во сила, се соодветни за справување со ситуацијата, затоа сите остануваат во сила. Но, поради брзото ширење на варијантата Омикрон во светот, неопходно е да се почитуваат. Апелираме за забрзување на процесот на вакцинација, бидејќи станува јасно дека невакцинираните се повеќе се заразуваат, а и загубата на живот најголем е кај невакцинираните. Особено ова станува чувствително во однос на присуството на варијантата Омикрон, која веќе е потврдена и кај нас, рече Ракацоли.

Посочи дека од 4 јануари сите вработени во јавната администрација, супермаркетите и трговските центри ќе мора да приложат потврди за вакцинација или докази дека прележале Ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.