Според податоците на Институтот за статистика во Албанија (ИНСТАТ), минатата година е забележана повисока смртност за 25,8 отсто во споредба со претходната година.

Во 2020 година починале вкупно 27.605 лица што е зголемување од 25,8 отсто или 5.668 починати повеќе споредено со 2019 година. Ова е рекордно ниво на загубени животи во земјата од 1990 година – наведува ИНСТАТ.

Доколку, пак, се направи споредба на бројките објавени од ИНСТАТ со оние на Дирекцијата за матична евиденција се забележува дека бројката е за околу 400 лица повисока. Според Дирекцијата, во 2020 година починале околу 28 илјади лица.

Од друга страна, минатата година забележан е пад на наталитетот. Родени се 28.075 бебиња што претставува пад за 1,7 отсто. Најмалку бебиња се донесени на свет во четвртиот кваратал или 7.011 што е 11,4 отсто помалку споредено со истиот перод претходната годна.

Бројот на смртни случаи во четвртиот квартал од 2020 година е 9.397, што претставува раст од 73,3 отсто, во споредба со четвртиот квартал од 2019 година. Природниот прираст на населението, во четвртиот квартал од 2020 година покажува дека има 2.386 смртни случаи повеќе од раѓања. Во 2020 година природниот прираст е 470 раѓања повеќе од смртни случаи – наведува ИНСТАТ.

Медиумите потсетуваат дека опозицијата и дел од лекарската фела Владата и премиерот Еди Рама претходно ги обвија за манипулирање со бројот на жртвите од Ковид-19 „со цел да се затскрие нивниот целосен неуспех“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.