Јавниот долг на Хрватска, на крајот на јули 2020 година, изнесува 325,4 милијарди куни (околу 43,15 милијарди евра) што е зголемување за 11,1 проценти во споредба со крајот на 2019 година.

Најновите податоци на Хрватската народна банка покажуваат дека во споредба со јуни, долгот е помал за 4,2 милијарди куни (приближно 557 милиони евра) или 1,3 проценти.

Зголемувањето на јавниот долг е резултат на одговорот на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, која ги зголеми државните потреби за финансирање поради нагло опаѓање на приходите во буџетот, предизвикани од неповолните економски трендови и финансирање на економски мерки за ублажување на кризата во рамките на владината програма за поддршка на вработувањето – велат аналитичари на „Рајфајзен банка“ Австрија.

Според овие аналитичари, фискалната слика на Хрватска оваа година ќе биде значително оштетена со растот на јавниот долг и враќањето на фискалниот биланс во негативната област, па со економскиот пад, учеството на јавниот долг во БДП ќе се врати на ниво над 85 проценти, последен пат регистрирано во 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.