Претседателката на Косово, Вјоса Османи вели дека нејзината држава е против иницијативата „Отворен Балкан”, покрената од премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, затоа што, според неа, таа иницијатива претставува „простор за ширење на српскиот хегемонизам”, пренесува Танјуг.

На денешната прес-конференција со претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој престојува во официјална посета на Приштина, Османи рече дека „би било поинаку доколку Србија беше држава која се стреми кон мир и стабилност и доколку го признаеше Косово”.

За нас „Отворен Балкан” претставува простор за ширење на српскиот хегемонизам. Во моментов Србија, која настојува да ја игра главната улога во иницијативата, нема добри намери во однос на нашиот регион. Би било поинаку доколку Србија беше држава која се стреми кон мир и стабилност и доколку го признаеше Косово. Сé додека се труди Косово да го вклучи во иницијативта како своја покраина – додека реалноста е сосема спротивна, бидејќи Косово е независна и суверена држава – нормално дека една таква иницијатива не служи на интересите на нашата држава, но ниту на регионот, изјави Османи.

Официјална Приштина, рече таа, смета дека „Отворен Балкан” би се претворил „во чекалница за ЕУ и би им дала аргумент на скептиците внатре во Унијата за да не остават уште долго време да се занимаваме еден со друг, наместо да ни се отвори нашата европска перспектива”.

Османи потврди дека со нејзиниот словенечки колега имаат различни мислења околу „Отворен Балкан”, но нагласи дека на таа тема разговарале „со обострана почит”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.