Дваесет и осумгодишниот Марко П. е мажот кој вчера во семејната куќа во гратчето Богатич во Србија со голи раце во неколку удари ја усмртил својата мајка и претепал баба си. Според српските медиуми, за време на апсењето тој бил во нервно растроен, а во полициската станица се бранел со молчење. Наводно, на убиството му претходела расправа и бркање во дворот, но за да се утврдат сите детали ќе биде спроведено вештачење.

Мислев дека му се слоши и му пријдов да помогнам. Тогаш го слушнав како вика „Јас сум Исус, јас сум Исус!“. Тргна кон мене и ме праша дали ќе одам со него. Кога го видов од блиску во лицето беше изобличен, имаше пена на устата и заматен поглед. Избегав во мојот двор, зошто таму беше мојата снаа, осми месец бремена. Се плашев да не нè повреди, раскажува првата сосетка на семејството за „Блиц“.

Според нејзините кажувања, Марко живеел со своите родители и баба му. Не работел никаде и бил малку необичен, но семејството било складно и никогаш немало проблеми, што било потврдено и во полицијата, каде никогаш немало пријава за него или за неговото семејство.

Комшивката додала дека неговата сестра се подготвувала за свадба.

Се зборува дека родителите подигнале кредит за свадбата, а тој се бунел зошто сите пари оделе кај сестра му. Наводно, тој сакал да продолжи со школувањето за програмер, додаваат комшиите.

Според неофицијалните информации, мајката на лице место починала од добиените удари, додека бабата била пронајдена во локва крв. Таа се наоѓа во болница.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.