Адвокатот Зоран Јаковљевиќ од одбраната на режисерот Мирослав Мика Алексиќ (68), осомничен за сексуално злоставување и вознемирување на актерките Милена Радуловиќ (26), Ива Илинчиќ (26) и уште неколку други девојки, меѓу кои и малолетни девојчиња, побара изземање на обвинителот што ја води истрагата, но неговото барање беше одбиено.

Тоа беше вториот потег на одбраната на Алексиќ, во случајот кој почна пред неколку дена откако тој беше уапсен, а во јавноста беа објавени работите што ги правел со децении како професор по глума во приватно училиште.

Претходно, неговиот бранител се закани дека „ако треба“, тој ќе ѝ обезбеди на јавноста материјали на кои може да се види дека една од жртвите е „насмеана и среќна по наводната злоупотреба“.

Тоа и се случи. Иако е строго забрането да се презентираат какви било информации од истрагата и случувањата во ЈО, вчера на српски „Новости“ се појави фотографија на која се гледа како Милена Радуловиќ стои покрај Алексиќ насмеана. Фотографијата е наводно направена во јуни 2013 година, да се овековечи завршувањето на курсот во училиштето за глума на таа генерација. Покрај нив двајца, и уште неколку ученици од училиштето, на фотографијата се и сопругата на Алексиќ, Билјана Машиќ и актерот Иван Зариќ.

Српски психолог за медиумите ја анализира фотографијата, потенцирајќи дека смеата е всушност маска за болка.

Емоциите, вклучително и болката, може да се изразат преку смеа. Жртвите поради големо количество страв можат да ја активираат смеата како одбранбен механизам. Ова важи за луѓето кои доживеале голема траума. Смеењето има моќ да потисне, тоа е посилно од многу негативни емоции, така што жртвите го потиснуваат негативното искуство со тоа, вели соговорникот на „Објектив“.

Според непотврдени информации, Јаковљевиќ побарал изземање оти според него заменик-обвинителот е пристрасен, бидејќи во сите три дена од сослушувањето тој ги спречил
оштетените странки да одговорат на дел од прашањата на одбраната како „Зошто продолжија да одат во училиштето за глума на Алексиќ по злоупотребата“ и „Дали за време на чинот на злоупотреба биле во можност да ја напуштат просторијата каде што се случувала?“.

И Радуловиќ и Илинчиќ по неколку часа даваа исказ пред Вишото обвинителство во овој случај, а нивните адвокати открија само дека во собата за исказ на моменти било доста мачно.

Радуловиќ се одлучи јавно да зборува за целото психичко и физичко малтретирање кое го претрпела за да им овозможи на сите останати девојки кои биле жртви на професорот да соберат храброст и да се пријават кон тужбата, а тоа можат да го направат и далеку од очите на јавноста. Според српските медиуми, иако во моментот неколку девојки официјално се вклучени, од ден на ден пристигнуваат нови анонимни пријави.

Алексиќ првпат ја силувал Радуловиќ во 2012 година, кога таа имала 17, а тој 61 година. Претходно, неколку години таа била негова ученичка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.