Во Црна Гора денеска почна имунизација на граѓаните со вакцината на АстраЗенека против Ковид-19, а први ја примија новинарите, кои спаѓаат во приоритетните групи за вакцинирање. Утрово се вакцинираше и потпретседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, кој како и новинарите ја прими оксфордската вакцина.

Тој истакна дека сите треба да се вакцинираат, бидејќи само така може да се зачува здравјето и економијата.

Ако можат 23 милиони Британци да се вакцинираат, тогаш можеме и ние, изјави Абазовиќ, изразувајќи благодарност до здравствените работници.

Црногорската министерка за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ соопшти дека наскоро пристигнува голема пратка на вакцини во земјата, а масовната вакцинација треба да почне околу 20 април.

Масовната вакцинација треба да почне околу 20 април, кога се очекува пристигнување на над 200.000 дози на кинеската Синофарм, нови количества на АстраЗенека и на Фајзер/БиоНТек, како и од 40.000 до 50.000 договорени дози на руската вакцина Спутник В, нагласи Боровиниќ Бојовиќ.

Во Црна Гора досега од последици на коронавирусот починале 1.274 лица. Моментно, според официјалните податоци, се заразени околу 6.446 граѓани. За вакцинација досега се пријавени 83.498 лица. Првата доза ја примиле околу 20.000 граѓани, а ревакцинирани се речиси 3.500.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.