Унгарската влада потпиша писмо со намери со директорите на кинеската фармацевтска компанија Синофарм за развој на потребната инфраструктура во следните 10 месеци за производство на кинеска вакцина против Ковид-19, соопшти унгарското Министерство за надворешни работи.

Според соопштението, пренесува Ројтерс, Унгарија планира да ја произведе Синофарм во новата фабрика, како и вакцина развиена од домашни експерти.

Договорот ќе ѝ овозможи на унгарската фабрика брзо да реагира на сите можни соеви на коронавирусот со размена на информации со Синофарм, додало тамошното Министерство за надворешни работи.

Половина од населението е вакцинирано

Владата одвои 55 милијарди форинти (186 милиони долари) за изградба на фабриката.

Од почетокот на пандемијата до петокот, Унгарија регистрираше 814.732 заразени со коронавирус и 30.086 смртни случаи.

5,54 милиони луѓе во земјата се целосно вакцинирани против коронавирус, што е повеќе од половина од населението, соопшти владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.