Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата попладнево ја укина одлуката за задолжителен двонеделен карантин за сите лица кои од Македонија и од Грција влегуваат во Албанија, јави дописничката на МИА од Тирана.

Освен укинувањето на задолжителниот карантин за лицата кои влегуваа во нашата земја од Македонија и од Грција, што беше воведен на 20 април, комитетот врз основа на барањето на Министерството за образование, млади и спорт дозволува отворање на универзитетите, но само за консултации и сезоната за испити, но со строга примена на протоколите и мерките за заштита – изјави Огерта Манастирлиу, министерка за здравство и член на комитетот.

Според неа, сите други ограничувачки мерки остануваат во сила, како што е и забраната за групирање на повеќе од десет лица, како и полицискиот час кој и понатаму ќе трае од 22 до 6 часот.

Задржувајќи се на процесот на имунизација против ковид-19, Манастирлиу рече дека до сега во земјата се пристигнати 748.400 дози вакцини од „АстраЗенека”, „Фајзер”, „Синофарм” и „Спутник В”.

Со вакцинација се опфатени 537 илјади лица, при што над 100 илјади ги примиле и двете дози.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.