Грција ги отвора своите врати за туристи од 29 земји на 15-ти јуни, објави денеска министерот за туризам, Хари Теохарис.

На списокот на земји се наоѓаат : Германија, Хрватска, Данска, Норвешка, Кипар, Израел, Швајцарија, Јапонија, Малта, Бугарија, Кина, Австралија, Нов Зеланд, Македонија, Албанија, Естонија, Латвија, Литванија, Либан, Унгарија, Јужна Кореја, Србија , Црна Гора, Романија, Словенија, Словачка, Чешка и Финска.

Посетителите ќе бидат тестирани по случаен избор за коронавирус, изјави министерот за туризам, а владата ќе го следи ширењето на коронавирусот. Списокот на земји ќе биде ажуриран пред јули, додаде Теохарис.

Грција, која излезе од долготрајната криза со долгови кон крајот на 2018 година, во голема мера се потпира на туризмот, кој учествува со 20 проценти од БДП.

Националниот карантин, воведен во март, и помогна на Грција да го задржи бројот на инфицирани со ковид-19 под 3.000, што е релативно мал број во однос на другите членки на ЕУ. Но, карантинот ги загрози деловните активности и туризмот.

Грција ја посетуваат околу 33 милиони туристи годишно, со заработка од 19 милијарди евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.