Турската економија во третиот квартал порасна за 7,4 отсто во однос на истиот период минатата година, поддржана од силната побарувачка на потрошувачите, производството и извозот, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Сезонски и календарски приспособени статистики на статистичкиот завод покажуваат дека споредено со претходните три месеци, турскиот бруто-домашен производ (БДП) пораснал за 2,7 отсто помеѓу јули и септември.

Заводот за статистика на Турција ги ревидирал податоците за растот на БДП за вториот квартал, што сега покажува дека економијата на таа земја скокнала за 22 отсто на годишно ниво, благодарение на силното закрепнување од кризата со корона вирусот.

Првата проценка на Заводот за статистика покажа раст од 21,7 отсто во вториот квартал.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој силно се противи на повисоките каматни стапки, изјави дека приоритет на владата ќе бидат економскиот раст, вработувањето и инвестициите.

Како дел од циклусот на монетарно олеснување за поддршка на економијата, турската централна банка ја намали основната каматна стапка за дури четири процентни поени од септември, на 15 отсто.

Како што пишува Ројтерс, економистите сметаат дека ваквите потези на банката се неразумни, со оглед на скокот на годишната инфлација во Турција на 20 отсто и остриот пад на вредноста на турската лира, која од почетокот на годината ослабе за огромни 43 отсто во однос на доларот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.