Во камп во близина на грчкиот град Игуменица се сместени туристи од неколку различни земји кои со нивните камп возила тргнале на патување низ Грција, но ги затекна кризата со Ковид-19 и затворените граници и не можат ниту да се вратат дома, ниту да го продолжат нивното патување.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, која ја објави репортажата, станува збор за 41 турист од различни европски земји меѓу кои и Велика Британија, Чешка и Франција, а од ноември и декември минатата година се во Грција.

Со одлука на одделот за цивилна заштита на периферијата Епир и во рамките на мерките за заштита од коронаврусот сите се сместени во приморска област во близина на Игуменица.

Туристите за АНА-МПА велат дека биле во различни делови на регионот Епир и полицијата ги известила дека треба со нивните камп возила да се сместат во конкретниот камп, а додаваат дека се чувствуваат безбедно.

-Коронавирусот нѐ зароби овде во кампот, но гледаме дека Грција е безбедна земја. Вашиот премиер брзо ги презеде чекорите што беа потребни. Грците реагираа одговорно, останаа дома. Во нашата земја ситуацијата не е добра, велат Британците Карол и Фил.

Двојка од Чешка, за АНА-МПА коментира дека работат преку интернет и комбинираат работи и одмор и иако сакаат да се вратат дома, условите не им го дозволуваат тоа.

И шесточлено друштво од Франција сака да се врати во нивната земја, но засега останува во кампот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.