Турската компанија „Бајкар макина“ што го произведува беспилотното воено летало „Бајрактар“ претстави прототип на нов беспилотен систем наречен „Кисилелма“ (црвено јаболко).

Украинската агенција „Укринформ“ на својот твитер профил пренесува информации и фотографии на напредниот беспилотен систем објавени од турскиот производител, како и изјава на инжинерот Селчук Бајрактар, творецот на првото турско беспилотно летало.

Според Бајрактар, новиот беспилотен систем ќе биде на ракетен погон, способен да полетува и слетува од и на новиот мултинаменски амфибиско-десантен брод „Анадолу“ на турската воена морнарица.

Компанијата „Бајкар макина“ во ноември потпиша договор ракетните мотори од типот „АИ-322Ф“ за својот нов беспилотен систем да ги набавува од украинската „Ивченко-Прогрес“.

Беспилотното летало „Кисилелма“ треба да биде способно да оперира од големи височини и да има автономија и до пет часа лет. Леталото со полетна тежина и до 5,5 тони и брзина до 800 километри на час ќе може да носи до 1,5 тони корисен товар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.