Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) информира дека во текот на вчерашниот ден се потврдени нови три случаи на заразени од новиот коронавирус, со што официјалната бројка на носители на Ковид-19 во земјата достигна до 227, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според синоќешното соопштение на ИШПК, во четвртокот во неговата лабораторија за молекуларна микробилогија се тестирани примероците на 117 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на вирусот. Вкупната бројка на тестирани од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 2.687.

Новите заразени се случаи на контакт со лица кај кои претходно е потврдено присуството на Ковид-19. Едно од новозаразените лица е од Сува Река, едно од Ајвалија крај Приштина и едно од Лепосавиќ.

Во текот на вчерашниот ден е регистриран и еден случај на носител на вирусот кој по два последователни теста резултирал негативен, со што бројот на излекувани лица достигна 38.

Министерството за здравство вчера објави дека уште едно лице заразено од Ковид-19 почина на Инфективната клиника при Клиничкиот и универзитетски центар на Косово, со што бројката на починати од епидемијата на новиот коронавирус се искачи на седум.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.