Од денеска е отворена платформата за закажување термин за вакцинација со трета доза за одредени категории граѓани во Грција кои имаат хронични болести, а станува збор за околу 285.000 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопшти генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистиклеус, граѓаните кои припаѓаат на конкретната категорија ќе добијат смс порака со потсетување дека ќе треба да закажат термин за третата доза.

Кон крајот на август годинава Комисијата за вакцинација даде зелено светло за трета доза со мРНА вакцина за: лица кои имале трансплантации на срж или матични клетки, лица кои се на листата за трансплантација, лица со бубрежна инсуфициенција подложени на дијализа, пациенти со рак кои примаат хемотерапија, пациенти со автоимуни заболувања и лица со ХИВ.

Според претседателката на Комисијата за имунизација во грчкото Министерство за здравство Мариа Теодориду, се разгледуваат и категориите што ќе следат за трета доза од вакцината, а тоа ќе бидат лицата згрижени во домовите за стари лица како и граѓаните над 60-годишна возраст.

Овој предлог, според Теодориду е во последната фаза на разгледување.

Во Грција досега се аплицирани 11.525.000 дози од вакцината, над 6.145.000 граѓани се вакцинирани со една доза, односно 58,5 отсто од општото и 67,6 проценти од полнолетното население.

​Целосно имунизирани се 5.780.000 лица, што е 55 проценти од општата и 64,2 отсто од полнолетната популација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.