Петгодишно дете починало во заклучен автомобил во хрватскиот град Книн. Безживотното тело на несреќното момче било пронајдено на паркинг на улицата Јовичева.

Инспекторите и луѓето што го пронашле биле шокирани од ужасната сцена на починатото петгодишно момче, кое било оставено во возилото.

Несреќното дете најверојатно претрпело топлотен удар и дехидрирало, бидејќи возилото било на сонце, а затемнетите стакла дополнително влијаеле на зголемувањето на температурата во автомобилот.

Таткото, инаку војник, ја однел мајката на работа, а потоа, пред да замине на работа, требало да го однесе синот во градинка.

Според хрватските медиуми, момчето најверојатно заспало во автомобилот на паркингот пред касарната. Таткото не ни помислил на детето сè додека сопругата не му се јавила попладнето за да го праша каде е нивниот син и зошто не е во градинка.

Дури тогаш таткото сфатил дека неговиот син е оставен во автомобилот БМВ со затемнети стакла. Но, веќе било предоцна, таму го затекнал безживотното тело на неговиот син.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.