Една средба во Будимпешта во 1970 година меѓу тогашниот бугарски лидер Тодор Живков и Киро Глигоров, подоцна прв претседател на самостојна Македонија, можела и требала да претставува пресвртница во тогашните југословенско-бугарски односи. Но, за жал, познатата геј-политика на Бугарија ја прокоцкала и таа можност, а работите биле стигнати до ниво на подготвена нацрт-декларација, што требало да ја потпишат Маршалот Тито и Живков. А, со неа, меѓу другото, требало да се решат две суштински прашања и за македонско-бугарските односи, објавува „Лидер“.

 

Сето ова е поткрепено со официјални документи објавени во третиот том од едицијата „Архив на Јосип Броз Тито-Документи за Македонија (1970-1980)“, што како издание на Државниот архив ја подготви проф. Новица Велјановски, кој е единствениот македонски историчар кому му беше дозволен пристап до архивските документи на Маршалот Тито во Белград.

Читајќи ги документите неизбежно се поставува прашањето дали за нивната содржина знаеле македонските претставници, кои го подготвувале актуелниот Договор за добрососедство и сорабтка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Зашто, станува збор за суштинска разлика во приодот кон признавањето на постоењето на македонската нација!

Средбата меѓу Глигоров и Живков била одржана на 24 и 25 ноември 1970 година за време на Конгресот на Унгарската социјалистичка работничка партија и за неа во томот нема конкретен документ, туку тој најверојатно се наоѓа во некоја друга архива, што значи дека треба да биде предмет на натамошни истражувања. Но, во редица документи се споменуваат ставовите изнесени од Живков во насока на подобрување на југословенско-бугарските, а во тој контекст и на бугарско-македонските односи.

Повеќе од деценија порано, пак, истиот Живков, на априлскиот пленум на Бугарската комунистичка партија во 1956 година, ќе ги воспостави Тезите за патриотско воспитување, што од ноември 1967 година ќе почнуваат да добиваат и „научна фундираност“ во посебна „Информација за македонското прашање“. Тоа што е најзначајно е дека токму тогаш, значи со тезите, Живков за првпат ќе го прогласи Илинденското востание како еден од петте камен-темелници на бугарското патриотско воспитување. Или, повеќе од половина век по востанието и повеќе од деценија по одржувањето на заседанијата на АСНОМ!

Во документ насловен како Белешка од разговорот на Стане Доланц, секретар на Извршното биро ПСКЈ, со Тодор Живков, прв секретар на ЦК на БКП и претседател на Државниот совет на НР Бугарија од 21 февруари 1973 година, одржан во Водно, Бугарија, стои мошне интересен дел. Тој е директно посветен на Македонија.

Од разговорите меѓу Доланц и Живков, меѓу другото, е забележана изјавата на Живков:

Факт е дека во Македонија се формира македонска нација и ние тоа го признаваме. Подготвени сме да потпишеме документ дека во рамките на СФРЈ во СР Македонија се формира нација и подготвени сме во документот да не го внесуваме времето на нејзиното формирање, дали тоа беше во предвечерјето на Втората светска војна или во текот на револуцијата, сеедно кога, ние тоа нема да го спомнуваме. Македонскиот народ се бореше во револуцијата, тоа е факт и тоа ние го признаваме.

Во натамошниот дел од разговорот нотиран во документот Живков уште ќе изјави:

Подготвени сме да изјавиме дека основниот дел од населението во Пиринска Македонија се Бугари, но дека таму живеат и други, како Македонци, Турци, Бугари од муслиманска вероисповед и Роми. Ние немаме ништо против нашите граѓани слободно да се изјаснуваат така како што се чувствуваат и ние тоа ќе го почитуваме.

Значи, ова се случувало пред 47 години.

Во насока на подобрување на југословенско-бугарските и во тој контекст македонско-бугарските односи во ноември 1975 година, двете страни ќе подготват и заедничка декларација со која, меѓу другото, се предвидувало формирање и работа на заеднички групи од претставници на институтите за историја на двете партии, кои требало да почнат со работа во текот на април 1976 година.

Исто така, било предвидено и формирање и работа на работна група на воени историчари, која требало да почне со работа до крајот на 1975 година, која требало да ги воедначи гледиштата и оценките за учеството на Бугарската народна армија и ЈНА во завршната фаза во Втората светска војна. И конечно, била предвидена работна група за усогласување на заеднички ставови и оценки за низа настани и личности од историјата на бугарскиот и југословенските народи и заеднички преглед на учебниците, во која требало да учествуваат претставници од БАН, САНУ и МАНУ, што требало да почнат со работа во текот на мај 1976 година.

За жал, од сето ова ништо не било реализирано.

Но, тоа што мора да се одбележи е фактот дека со актуелниот Договор за добрососедство со Бугарија, суштински се отстапува од бугарските ставови. Зашто, за Живков не било спорно постоењето на македонската нација, дури и без одредување време на нејзиното формирање. За разлика  од него, неговиот некогашен телохранител Бојко Борисов на македонските подготвувачи на текстот на Договорот и неговите потписници успеал да им наметне временска рамка за постоење на Македонците од 1944/1945 година! А, актуелната петта заедничка комисија треба тоа да го верификува! И чиј пораз или победа е тоа!? Или чиста глупост!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.