Гинеколошкото одделение и општата болница во Пеќ се под истрага, откако било откриено дека некој од одделението по грешка го ставил телото на мртво бебе во машина за перење, од каде е извадено на парчиња, пренесува Индекс онлајн.

И покрај инсистирањето на болничкиот персонал овој скандал да се сокрие, членовите на семејството ја известиле полицијата.

Таткото на бебето рекол дека случајот го шокирал неговото семејство и целата работа излегла на виделина кога болницата одбила да го предаде телото на мртвороденото бебе. Татко не престанал да се обидува да ја дознае вистината за своето мртво бебе, но останал шокиран кога со свои очи ги видел посмртните останки, откако го извадиле од болничката машина за перење меѓу чаршафите.

Случајот го потврди и косовската полиција, која соопшти дека истрагата ја водат Државното обвинителство и Здравствениот инспекторат.

За случајот што се случи во Регионалната болница во Пеќ е известена полицијата и веднаш излегла на лице место, државниот обвинител исто така. На лице место излегле и здравствените инспектори. Во тек е истрага од страна на државен обвинител и здравствени инспектори, се наведува во соопштението на полицијата.

Извори од болницата во Пеќ пак велат дека болницата по секоја цена се обидувала да го сокрие случајот, вршејќи притисок врз персоналот да не даваат информации од болницата. Дури се обидувале целата вина да ја префрлат на собарките, за да го спасат името на медицинскиот персонал на Гинекологија.

Во меѓувреме, Општата болница во Пеќ објави дека за овој случај се суспендирани седуммина вработени и дека против нив е поведена дисциплинска постапка.

Според Основното обвинителство во Пеќ, случајот се случил минатата недела и истрагата е во почетна фаза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.