Стремежот да се бара брзо решение на проблемот ќе ги засегне бугарските национални интереси и затоа не е препорачлив.

Ова, меѓу другото, во интервју за NOVA NEWS го изјави техничкиот премиер на Бугарија, Стефан Јанев, пренесуваат Гласове.бг. Изјавата следува по првичните позитивни тонови за решавање на бугарско-македонскиот спор, што по победата на новата политичка сила Промените продолжуваат ги навестија лидерите Кирил Петков и Асен Василев.

-Ние не само што преговаравме со Македонија, туку и повторивме дека ја поддржуваме земјата во нејзините напори за подобра иднина и европски развој. Но, истовремено, нерешените прашања треба да бидат разгледани во сета нивна длабочина од гледна точка на бугарскиот национален интерес, изјави техничкиот премиер.

Според него, историјата не е основниот аргумент, туку правата на македонските граѓани со бугарска самосвест, зашто тие не се чувствуваат комфорно во сопствената држава.

-Историјата е повеќеслојна, таа едноставно не е спор за некакви настани и личности. Историјата е поврзана со начинот на кој се интерпретираат историските настани, со начинот на кој опстојуваат спомениците чија содржина е антибугарска. Тој говор на омраза е и во учебниците од кои се учи во училиштата. За тие граѓани, кои имаат роднини кои живеат од другата страна на границата, овој проблем да биде ставен на маса и да биде минимизиран во еден збор-историја, во голема мера е несолвентно. Во услови на меѓународен притисок, техничката влада вложува систематски напори да го заштити бугарскиот национален интерес. Наместо да седне на маса и да бара решенија, другата страна избра на друг начин да бара поддршка, посочи Јанев.

Тој е на став дека стремежот да се бара брзо решение за проблемот ќе ги засегне бугарските национални интереси и, според него, тоа не е препорачливо.

-Има определен пат, што треба да се помине и тој треба да се помине од двете држави. Се разбира, нашите европски партнери можат да учествуваат во тој процес, но да бидат така добри да не ни кажуваат што да правиме, зашто ние сме суверена држава и ги штитиме нашите национални интереси, изјави Јанев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.